Трајко Славески
Роден е во Охрид во 1960 година.
Проф. Славески е избран во звањето вонреден професор во март 2003 година за предметите Макроекономија и Државна регулација. Посетува редовни студии на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, последипломските студии ги завршува на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986 – 1987 год.) и на Универзитетот Харвард (1989 1990 год.). Дипломира на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрира и докторира на истиот факултет во 1988 и 1997 год., респективно.
Полиња на професионален интерес: микроекономија и макроекономија; политичка економија на транзицијата и приватизацијата; бизнисот и владата (државата); економските и социјалните функции на државата; економика на работната сила; економика на корупцијата и организираниот криминал.
Проф. Славески бил визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 год. Од 1999 год., предава на последипломскиот студиум „South Eastern European Studies“ на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција. Проф. Славески е автор и ко-автор на пет книги и бројни статии, објавени во Република Македонија и странство, во научни и стручни списанија, од областа на приватизацијата, економското преструктуирање, економскиот растеж и развој, економските и социјалните функции на државата и др. Учествувал на голем број меѓународни конференции посветени на транзицијата и развојни прашања. Бил раководител на неколку владини проекти од кои произлегле официјални владини документи, како, на пр: Среднорочната стратегија за развој и реформи „Македонија 2003“, (2000 година) и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата (2002 година).
Проф. Славески е член на неколку меѓународни истражувачки мрежи. Претседател е на извршниот одбор на невладината организација АМЕ (Асоцијација за модерна економија) со седиште во Скопје и Тетово.
Во периодот 1999 - 2000 год., година е министер за развој во владата на Република Македонија.Во периодот ноември 2000 - септември 2002 год., ја врши функцијата советник на министерот за финансии и национален координатор за подготовка на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата“.